Феникс славеше во Чаир и максимално ја замрси ситуацијата на табелата
Одлучувачка беше првата четвртина која гостите ја добија со 28-17, па Чаир ниеднаш во текот на мечот не успеа да поведе. Феникс не само што постојано ги контролираше играта и резултатот, туку на нешто помалку од четири минути пред крајот на првото полувреме имаше огромни +26 (47-21).
Чаир до големиот одмор успеа да намали на достижни 15 разлика (34-49), во второто полувреме имаше и -8, но тоа беше најмногу што успеа да се доближи. Феникс стави крај со серијата од 7-0 во последниот период по која отиде на недостижни 75-60.
Рахама со 19 поени го предводеше победничкиот тим, а Наумоски и Ниа остварија по дабл дабл. Тачи со 17 поени и осум асистенции беше најдобар во екипата на Чаир. Овој резултат максимално ја замрси ситуацијата на табелата бидејќи сега деветтопласираниот Феникс се доближи на само една победа од шестиот Чаир. Ако утре и Тиквеш направи изненадување и го победи МКК Куманово, дури пет екипи ќе бидат на еден бод разлика, на две кола пред крајот на основниот дел од првенството.