Локатели промаши пенал, голем кикс на Јувентус (ВИДЕО)

Екипата на Јувентус направи голем кикс вечерва откако на домашен терен одигра само нерешено со Сасуоло (1-1).

На „бјанконерите“ им беше потребна победа за да се одржат во борбата за пласман во Лигата на шампионите, но по денешниот резултат постои опасност Комо да се одвои на три бода разлика со оглед на тоа што утре игра со отпишаната Пиза.

 

 

Се чинеше дека Јувентус без проблеми ќе ги освои бодовите откако поведе преку Јилдиз во 14. минута. Сепак, тукушто почна вториот дел Пинамонти го израмни резултатот и тој се покажа како конечен исход на овој меч. Најголемата шанса Јуве да дојде и до другите два бода ја имаше во 86. минута кога Локатели имаше пенал, но шутна толку лошо што противничкиот голман му ја фати топката „жива“. За италијанскиот репрезентативец тоа беше прв промашен пенал во кариерата, но во најлош можен момент.

За Јувентус ова беше деветто реми сезонава и дури шесто на домашен терен, а во следното коло гостува кај Аталанта.