Работнички мора да победи во Куманово, Силекс бара „сефте“ во Кратово!

Третиот круг од Првата лига денеска завршува со две важни пресметки, а посебно внимание привлекува дуелот меѓу Башкими и Работнички во Куманово, со оглед што гостите се во тешка ситуација на табелата и мора да освојува бодови ако сакаат да го задржат прволигашкиот статус.

Дебармаалци во последниот период покажуваат знаци на подобра форма, со победи против Шкупи и Арсими, а стрелец на двата натпревари беше младинскиот репрезентативец Никола Манојлов. Тој нагласува дека за неговиот тим секој натпревар до крајот ќе има голема важност.

„Почнува третиот круг од првенството во кој за нас секој натпревар е екстремно важен. Потребни ни се победи во серија и тоа е она што ќе се обидеме да го направиме. Знаеме дека нè чека тежок натпревар, но сме максимално фокусирани и одиме по трите бода“, изјави Манојлов.

Домаќинот Башкими, пак, влегува во дуелот со добра серија, откако по двата почетни порази во пролетниот дел врза победи против Шкупи и Македонија Ѓорче Петров. Напаѓачот Емануел Аворнио истакнува дека и покрај притисокот врз противникот, неговиот тим ќе оди на победа.

„Работнички доаѓа со императив за три бода поради борбата за опстанок, но наша обврска е пред домашната публика да дадеме максимум. Очекувам брза и интересна игра со многу голови и се надевам дека ние ќе излеземе како победници“, рече Аворнио.

Во меѓусебните дуели досега се одиграни 19 натпревари – Работнички има десет победи, Башкими шест, а три средби завршиле без победник. Сепак, последните три меѓусебни пресметки им припаднаа на фудбалерите на Башкими.

Во Кратово, пак, Силекс ќе се обиде да ја запише првата домашна победа во пролетниот дел од сезоната. Противник е Пелистер, а тренерот Александар Васоски нагласува дека неговиот тим има јасна цел – борба за излез во Европа.

„Фокусот ни е и на првенството и на Купот. Во секој натпревар одиме без калкулации и играме на победа. Сакаме да избориме настап во Европа и ќе се бориме до крајот за да ја исполниме таа цел“, истакна Васоски, кој предупреди дека Пелистер е незгоден противник без разлика на позицијата на табелата.

Натпреварите во Куманово и Кратово се играат со почеток од 14:30 часот

Standings provided by Sofascore