Добри вести за Реал пред најважниот дел од сезоната: Мбапе се врати на тренинзите!

Најдобриот стрелец на Реал Мадрид, Килијан Мбапе вчера се врати на тимските тренинзи, објави клубот од шпанската престолнина.

Францускиот репрезентативец не играл од 21 февруари, кога повторно почувствува болка во левото колено и одлучи да не игра додека повредата не се залечи целосно. Тој дури се врати во Франција на една недела за да се одмори и да се подложи на третман во татковината.

Се очекува Мбапе да биде дел од проширениот состав на Реал Мадрид за реваншот од натпреварот во Лигата на шампионите со Манчестер Сити. Тренерот Алваро Арбелоа веројатно нема да смета на него од стартот, но планира да му даде минути за да се врати во форма за дербито со Атлетико Мадрид следниот викенд.

Секако е јасно колку е важно неговото враќање за кралскиот клуб, бидејќи тој постигна 23 гола и асистира за уште четири во 23 натпревари од Ла Лига, додека има 13 гола и една асистенција во осум меча од Лигата на шампионите.