Вардар среде Битола го ничкоса Пелистер: Титулата со една нога е во Скопје!
Црвено-црните ја потврдија силата и тлото на вечниот ривал, Вардар одигра одлично второ полувреме во Битола и дојде до исклучително важни бодови во битката за титулата.
Пелистер подобро го почна натпреварот, водеше во поголемиот дел од првото полувреме, на двапати имаше и три гола предност, но вардарци успеваа да намалат. На одморот се замина со водство на домаќините од 12-11.
Во второто полувреме се сменија работите, Вардар брзо направи пресврт, поведе, а како одминуваше времето Пелистер покажуваше се поголема немоќ, како мечот се ближеше кон завршницата црвено-црните ја зголемуваа предноста и на крајот славеа со убедливи 26-21.
Најдобар кај Вардар и на овој меч беше Јака Малус кој постигна осум голови, фантастичен беше и Милан Лазаревски кој даде седум гола од исто толку обиди. Валах запиша девет одбрани. Кај Пелистер Манасков, Видомски, Хацкбарт и Кузмановски постигнаа по три гола. Митревски имаше седум одбрани.
Сега на табелата Вардар има 46 бодови, дури шест повеќе од Пелистер и Охрид. Предност која изгледа недостижно.