Работнички со жестока реакција по поразот од Феникс: Судиските одлуки директно нè оштетија!
Работнички побара Давидов повеќе да не биде делегиран на нивните натпревари и повика на истрага од страна на Кошаркарската федерација на Македонија.
„КК Работнички изразува сериозен револт и незадоволство по последните случувања на натпреварите од домашното првенство, кои повторно отвораат прашање – кому му пречи Работнички?
Нашиот клуб уште еднаш се почувствува директно оштетен од судиските одлуки, кои во повеќе наврати беа на наша штета и влијаеја врз текот и исходот на натпреварот. Особено сме разочарани од арбитражата на судијата Александар Давидов чии одлуки предизвикаа голем револт кај играчите, стручниот штаб и кај нашите навивачи.
Работнички како клуб со богата традиција и огромен придонес во македонската кошарка не може и нема да молчи кога повторно е оштетен од судиските критериуми. Поради тоа јавно порачуваме дека не сакаме судијата Александар Давидов повторно да биде делегиран на натпревари на нашиот клуб, бидејќи довербата во неговата објективност е сериозно нарушена.
Поради неговата арбитража на дуелот со Феникс, бараме санкции за Давидов од страна на КФМ бидејќи само така може да се стави крај на неправдите и да се заштити интегритетот на натпреварувањето.
КК Работнички се надева дека надлежните органи во КФМ сериозно ќе ги разгледаат овие случувања, со цел во иднина да се спречат вакви ситуации и да се обезбеди фер и рамноправно судење за сите клубови“, соопшти Работнички.