Павел е златно момче – во Англија жнее медали во џиу-џицу под знамето на Македонија (ФОТО)

Македонскиот спорт добива нова голема надеж во боречките спортови и тоа во момче кое од најмали нозе живее во Англија, но и покрај тоа жнее медали во бразилско џиу-џицу гордо веејќи го знамето на Македонија каде и да настапува.

Станува збор за Павел Митев (10 години), кој е роден во Скопје, но кој на двегодишна возраст со родителите се преселува на островот, каде што без разлика на возраста со напорна работа се етаблира како еден од најдобрите во овој спорт дури и меѓу далеку повозрасни противници. Тој со тренинзи започнал уште на шестгодишна возраст, продолжува да бележи значајни успеси на меѓународната сцена, претставувајќи ја Македонија и покрај тоа што живее во Англија.

Со спортот почнал да се занимава кај професорот Ренато Таруло, а заедно со неговата сестра Дафина Митева биле првите ученици на тренерот. Веќе на осумгодишна возраст започнал редовно да настапува на локални натпревари, а подоцна и на национални и интернационални турнири, каде што постигнува одлични резултати. Меѓу неговите позначајните успеси се издвојуваат бронзен, сребрен и златен медал освоени во континуитет на натпреварувањата организирани од Интернационалната Бразилска Џиу Џицу федерација (IBJJF).

Последниот успех на талентираниот Павел е на турнирот НАГА (Северноамериканска граплинг асоцијација), одржан на 14 март 2026 година, каде што освоил шампионски појас во категоријата борба без кимоно (НоГи), како и сребрен медал во категоријата борба со кимоно (Ги). Неговиот континуиран напредок се должи на посветените тренинзи, упорноста и силната поддршка од семејството. Значајна улога има и неговата постара сестра Дафина, која тренира и се натпреварува заедно со него, при што и самата има освоено повеќе златни и сребрени медали на локални натпревари во Англија.

Прогнозите на стручњаците се дека пред Митев е блескава кариера во спортот кој се смета како основа за сите најдобри мајстори во натпреварувањата на ММА и УФЦ. За тоа најдобар доказ е и неговиот славен сонародник, Алек Волкановски, кој има црн појас во бразилско џиу-џицу.