Феникс го врати Работнички во реалноста

Поранешниот шампион на Македонија, Работнички им се врати на поразите откако денеска, во првиот меч од 19. коло на Суперлигата загуби на гостувањето кај Феникс со 77-83.

Феникс по вторпат славеше во меѓусебните дуели со Работнички и во случај на ист број бодови ќе биде подобро пласиран од својот градски ривал. Последните сезони тимот од Гази Баба е исклучително незгоден за Работнички, а оваа кампања двете екипи ќе водат жестока битка за опстанок.

Работнички скапо го чинеше лошиот влез во мечот, Феникс со серија од 9-0 се одлепи на 17-8, а во последната минута од воведниот период ги достигна највисоките +12 (28-16). Гостите се консолидираа во вториот период, со серија од 7-0 се доближија на 33-34, но Феникс не дозволи да го загуби водството и на голем одмор замина со 42-36. И во второто полувреме слична приказна - Работнички ќе се доближеше на еден посед негатива и потоа следуваше жесток одговор на спротивната страна. Така беше и на минута пред крајот, при резултат 78-77 за Феникс, нападот не одеше течно, но со звукот на сирената Рахама погоди тројка и го откажа Работнички кој во следната акција не успеа да поентира и победникот веќе беше решен.

Дајсон со 23 поени беше најефикасен кај Феникс, Рахама и Златевски постигнаа по 14, а Ниа 11. Ефремовски го предводеше Работнички со 24 поени, но дури 19 од нив постигна во првото полувреме.