Конечно: Руските спортисти добија дозвола да се вратат на меѓународна сцена!

Светската федерација за спортови на вода (Ворлд Акватикс) објави дека руските и белоруските спортисти повторно ќе можат да настапуваат на меѓународни натпреварувања.

Станува збор за ватерполисти и пливачи, кои беа суспендирани уште во 2022 година, веднаш по почетокот на руската инвазија врз Украина, кога им беше забрането да се натпреваруваат под знамињата на своите држави. По долг период на изолација, сега се создаваат услови за нивно постепено враќање, но под строго дефинирани критериуми.

Од „Ворлд Акватикс“ информираат дека биле спроведени повеќе од 700 проверки кај руски и украински спортисти од водените спортови, со цел да се утврди дали користеле недозволени средства. Клучниот услов за настап е секој спортист да помине четири последователни допинг-тестови со негативен резултат, по што ќе добие дозвола за учество.

„Во изминатите три години успешно работевме на тоа конфликтите да се држат подалеку од спортските натпреварувања. Остануваме посветени базените и отворените води да бидат место за мирен натпревар меѓу спортисти од сите нации“, изјави претседателот Хусаин Ал Мусалам.

Враќањето на руските и белоруските спортисти би можело да се случи веќе на Светското првенство во водени спортови, кое следната година ќе се одржи во Будимпешта. На овој настан се очекува тие да настапат во повеќе дисциплини, меѓу кои пливање, ватерполо, уметничко пливање, скокови во вода и пливање на отворени води, доколку ги исполнат сите поставени критериуми.