Војната на Блискиот Исток ја скратува сезоната во Формула 1?

Трките од Формула 1 во Бахреин и Саудиска Арабија, кои беа планирани за април, најверојатно ќе бидат откажани поради воениот конфликт на Блискиот Исток со што актуелната сезона би била скратена на 22 трки.

Првично, четвртата трка од новата сезона требаше да се одржи во Бахреин од 10 до 12 април, а недела дена подоцна во Џеда, Саудиска Арабија. Сепак, двете земји се меѓу државите погодени од иранските напади како одмазда за американско-израелските воздушни удари, што дополнително го зголеми безбедносниот ризик.

Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) и Формула 1 потенцираат дека безбедноста е приоритет, а ситуацијата во регионот во последните денови не се подобрила. Не е планирана замена на откажаните трки во веќе полниот календар од март до декември, што значи дека сезоната ќе брои 22 трки.

Откажувањето на априлската рунда исто така значи петнеделен прекин помеѓу трката во Јапонија од 27 до 29 март и трката во Мајами од 1 до 3 мај.

Сепак, треба да се почека и до официјална потврда од ФИА.