Касемиро во Њукасл го најде својот наследник за Манчестер Јунајтед

Бразилскиот ветеран Касемиро го препорачал својот соиграч од националниот тим, Бруно Гимараеш на Манчестер Јунајтед за време на разговорите за неговото заминување на крајот од сезоната.

Петкратниот освојувач на Лигата на шампионите ќе ги напушти „црвените ѓаволи“ на крајот од тековната сезона и тоа го објави на почетокот од оваа година. Сепак, прашање е дали Јунајтед ќе ја прифати оваа сугестија бидејќи Гимараеш, кој е капитен на Њукасл и еден од клучните играчи на тимот, не се вклопува во стратегијата на клубот, имајќи предвид дека клубот од „Олд Трафорд“ е заинтересиран да се фокусира на помлади играчи со потенцијал за развој во наредните години, додека фудбалерот на Њукасл има 28 години.

Манчестер Јунајтед, исто така, не сака да се вклучи во долга трансфер сага, слична на онаа околу заминувањето на Александар Исак од Њукасл минатото лето. Покрај тоа, се верува дека цената на Бруно Гимараеш никогаш нема да биде под 100 милиони фунти, што го прави таквиот договор финансиски неодржлив.

Англискиот печат тврди дека 20-кратните шампиони ќе се обидат да доведат барем двајца играчи на таа позиција ова лето, а имиња како што се Елиот Андерсон од Нотингем Форест и Адам Вортон од Кристал Палас се споменуваат како приоритетни цели.