Македонските спортисти отсега во ново руво - избран националниот дрес! (ВИДЕО)

Конкурсот што минатата година го отвори Сојузот на спортски федерации на Македонија, официјално е затворен со изборот на изгледот на новиот национален дрес.

Победи решението на Александра Гаврилова кое е инспирирано од македонската традиција и историја. Доминираат македонскиот вез, потоа сонцето кое го имаме и на знамето и на грбот и рисот кој е ендемско животно во Македонија.

„Дизајн на дрес создаден со длабока почит кон македонската култура и традиција, инспириран од богатството на македонската народна носија и автентичниот народен вез. Црвената боја ја симболизира плодноста, здравјето, љубовта и силната енергија и борбеност што македонскиот народ ја носи низ вековите. Жолтата боја ја доловива топлината на македонското сонце, покрај тоа се смета за симбол на духовното богатство и благосостојбата. Белата боја ја истакнува чистотата, искреноста и достоинството, како и симболиката на мирот, светлината и новиот почеток, претставувајќи ја нераскнилнивата врска со претците и традицијата. орнаментите во дизајнот се инспирирани од мотиви кои често се среќаваат во македонскиот народен вез со геометриски форми, цветови, сончеви симболи и елементи што носат заштитна и симболична вредност. Овој дрес не е само облека - тој е сведоштво за македонскиот дух, историја и културно наследство, претставено со гордост на секое поле“, објасни авторот, односно дизајнерот на националниот дрес.

За своето решение, кое се очекува да го имплементираат сите спортски федерации во земјава, Гаврилова доби парична награда од 50 илјади денари.