Тото Волф во старт го отпиша Верстапен: Мерцедес и Ферари ќе се борат за титулата!

Првиот човек на Мерцедес, Тото Волф, смета дека неговиот тим и Ферари сезонава ќе водат жестока борба за титулата во Формула 1, по интересниот дуел на врвот на трката за Големата награда на Австралија.

На стартот, возачот на Ферари, Шарл Леклер, го презеде водството, откако возачите од првиот ред, Џорџ Расел и Кими Антонели, имаа проблем со недоволно наполнети батерии. Леклер поведе пред Расел, додека Луис Хамилтон се искачи на третата позиција, откако го мина дебитантот Арвид Линдблад во Рејсинг булс. Во првите 11 круга Леклер и Расел седум пати го менуваа водството, а Хамилтон постепено им се приближуваше, претворајќи ја борбата во тростран дуел. Расел потоа замина во бокс за време на виртуелниот безбедносен автомобил, предизвикан од запирањето на болидот на Ред Бул, управуван од Исак Хаџар.

Тоа накратко им донесе прво и второ место на Ферари, но италијанскиот тим не ги повика во бокс ниту Леклер ниту Хамилтон додека траеше виртуелниот безбедносен автомобил, ниту при неговото повторно активирање поради застанатиот болид на Кадилак F1 тим со Валтери Ботас. Токму тоа му овозможи на Мерцедес повторно да ја преземе контролата врз трката, бидејќи двата болида на Ферари конечно влегоа во бокс под зелено знаме. Германскиот тим на крајот стигна до двојна победа – Расел пред Антонели.

Ова е прва двојна победа на Мерцедес без учество на Хамилтон уште од Гран при на Италија 1955, кога славеа Хуан Мануел Фанџо и Пјеро Таруфи. По трката во Мелбурн, Волф истакна дека го очекува жесток дуел со Ферари.

„Во моментов чувствувам огромно задоволство од работата на тимот. По осум освоени титули и неколку потешки години, ваква убедлива двојна победа значи дека можеш да се бориш за светската титула – а одамна не сме го имале тоа чувство“, изјави Волф.

Тој додаде дека Ферари уште на стартот покажал колку е опасен.

„Пред трката многумина мислеа дека ќе се одвоиме далеку напред, но тоа не се случи. Знаеме дека Ферари е силен на стартовите и тоа се виде. Имаше отворена борба меѓу Шарл и Џорџ, а во еден момент беше и тространа битка. За мене е јасно – оваа сезона нè очекува сериозна борба со Ферари“, дополни директорот на Мерцедес.

Следната трка во Ф1-шампионатот ќе се вози за Големата награда на Кина во Шангај следниот викенд.