Перфектен одговор - ракометарките убедливо ја совладаа Белгија!

Женската ракометна репрезентација ја оствари првата победа во квалификациите за Европското првенство откако вечерва во Куманово ја победи Белгија со 33-28.

Пред три дена, нашите ракометарки доживеаја пораз од истиот ривал што беше една од најголемите сензации во овие квалификации, но македонската селекција одговори на перфектен начин и се врати во игра за пласман на континенталниот шампионат, барем како една од четирите најдобри третопласирани репрезентации. Сепак, се чини дека ќе биде потребна барем уште една победа во последните две кола, против Германија или Словенија за да зголемат шансите.

Белгија подобро го отвори мечот, водеше во првите шест минути, прво со 2-0 и 3-1, а потоа со по еден гол разлика. Македонија првпат поведе во осмата минута, со 6-5 со голот на Кипријановска, во 15. имаше +4 (11-7), а на голем одмор се замина со 17-14. Белгијките се заканија на стартот од вториот дел кога намалија на два гола негатива разлика, но македонските ракометарки брзо се опоравија од шокот и отидоа на пет гола предност.

На четири минути пред крајот Македонија ги достигна и највисоките +7 (31-24), но сепак дозволи Белгија да се избори за нешто поблаг пораз во финишот.

Марија Јанкуловска со осум гола беше најефикасна во македонската репрезентација, а по шест постигнаа Младеновска, Кипријановска и Стефаноска. На голот се истакна и Андреа Илиќ која оствари 13 одбрани.

Последните натпревари од квалификациите, Македонија ги игра идниот месец кога прво ја пречекува Германија, а потоа гостува во Словенија.