Пред две години поранешниот македонски репрезентативец Агим Ибраими си замина од словенечки Марибор по бурната кавга со спортскиот директор Златко Заховиќ, но и покрај „вербалната војна по медиумите“, словенечкиот гигант не го заборави својот поранешен фудбалер, кој сега е член на Домжале.

Ибраими и Заховиќ се испокараа откако на виделина излезе славната „СМС-афера“, но по 24 месеци очигледно сето тоа се заборави. Враќањето на Ибраими во „Људски врт“ како фудбалер на Домжале помина со неверојатен гест од Марибор. Пред мечот сите се прашуваа каква ќе биде ракцијата на навивачите, на управата, но на крај сето тоа мина – господски.

Ибраими доби аплаузи, а потоа и подароци од својот поранешен клуб, кој не може да ги заборави неговите добри настапи за овој словенечки гигант, со кој играше и во групите во Лигата на шампионите и во Лига Европа.