Расел ќе стартува прв во Мелбурн, Верстапен се удри директно во заштитен ѕид (ВИДЕО)
Британецот беше најбрз во сите сегменти од квалификациите и апсолутно заслужено дојде до пол-позицијата, пред клупскиот колега, Кими Антонело, кој го комплетира одличниот ден за Мерцедес. Младиот Италијанец во финишот имаше стравичен инцидент во кој, за среќа, настрада само неговиот болид, што не влијаеше врз конечниот пласман во квалификациите. Зад нив ќе стартуваат Исак Хаџар, Шарл Леклер и Оскар Пјастри, додека актуелниот светски шампион Ландо Норис ги заврши квалификациите на шестата позиција. Седумкратниот светски првак Луис Хамилтон ќе ја започне трката од седмото место.
Најлошо во Мелбурн помина четирикратниот светски шампион, Макс Верстапен, кој уште во првата квалификациска сесија излета од патеката и удри во заштитниот ѕид, по што мораше предвреме да ја заврши сесијата. Кога од боксот го прашаа што се случило и дали е во ред, Холанѓанецот видно незадоволен одговори саркастично. Поради инцидентот, шампионот во периодот од 2021 до 2024 година ќе стартува од крајот на колоната, каде што ќе се најдат и Карлос Саинц и Ленс Строл, кои воопшто не учествуваа во денешната сесија.
Трката за Големата награда на Австралија се вози утре наутро по македонски време (5 часот).
ФОТО: X / @F1