Срамен пораз на македонските ракометарки во Белгија!

Женската репрезентација на Македонија го доживеа третиот пораз во квалификациите за Европското првенство откако вечерва загуби од Белгија на гостински терен со 25-26.

Со овој пораз, нашите ракометарки паднаа на последното место во групата со биланс 0/3 и без ниеден бод. Македонскиот национален тим водеше безмалку цел меч, во второто полувреме и со четири разлика (18-14), но не успеа да ја задржи предноста и во драматичниот финиш загуби.

Шансата беше пропуштена токму во тој период, кога Македонија отиде на +4 бидејќи во следните седум минути не успеа да постигне гол, а Белгија со серија од 4-0 дојде до израмнување. И во последните десетина минути, нашата репрезентација три пати имаше по два гола предност, но и тие не успеа да ги сочува. Белгија првпат поведе во 56. минута, со 25-24, Македонија израмни преку Гугуљанова, но на 65 секунди пред крајот Бонс го постигна голот за победа. Во последниот напад Кипријановска и Јанкуловска не успеаја да погодат и женската репрезентација на Македонија доживеа еден од најсрамните порази во својата историја. Колку е срамен исходот од овој меч, најдобро зборува податокот што Белгија првпат по 20 години игра во квалификации за големите натпреварувања откако претходно две децении не можеше да ги мине претквалификациите.

Кипријановска беше најефикасна со седум гола, а Гакидова и сестрите Јанкуловски реализираа по три. Голманките Илиќ и Пековска заедно остварија 11 одбрани. В сабота Македонија повторно игра против Белгија, но на домашен терен.