Вучиќ почна да дели совети и за фудбал – му одржа лекција на Дејан Станковиќ!
Говорејќи за можноста за предвремени избори во Србија, тој направи паралела со фудбалот и елиминацијата на белградскиот клуб од Лига Европа, посочувајќи го тактичкиот пристап на тренерот Дејан Станковиќ во реваншот.
„Можеби ќе бидат изненадени, можеби тие избори ќе дојдат и порано отколку што мислеле. Бидејќи веќе се сигурни како ќе се одвиваат работите во некоја друга земја, па мислат дека знаат какво влијание ќе има тоа овде… Колку само грешат! Обично работите одат спротивно од тоа што го очекуваат. Тие поим немаат. Тоа ви е како кога Звезда игра натпревар во Лил и победи. Вие мислите дека е добро да играте исто. Не, мора да промените сè бидејќи сте го изненадиле противникот, а не повторно да играте на ист начин“, изјави Вучиќ.
Во реваншот против Лил, тренерот Дејан Станковиќ на теренот изведе десет исти фудбалери во идентична формација како на првиот натпревар. Единствената промена беше принудна, бидејќи Владимир Лучиќ поради жолт картон заработен во Франција немаше право на настап. Лил на крајот победи со 2-0 по продолженија и го надомести заостанувањето од првиот дуел (1-2), со што Црвена Звезда беше елиминирана од натпреварувањето.