Полувреме за заборав: Македонија губи во Баку, а се повреди и Војдан Стојановски!

Македонската кошаркарска репрезентација го одигра едно од најлошите полувремиња во поновата историја, што најдобро се гледа од негативата што ја има по првите две четвртини на вечерашното гостување кај Азербејџан (37-44).

Ова е и добар резултат за жолто-црвените со оглед што во еден момент имаа и минус 18 (25-43). Тоа како да ги подразбуди избраниците на селекторот Хозеп Мариа Берокал, кои вториот период го затворија со серија 12-1 за приближување и надеж за пресврт во продолжението. Мора да се напомене дека домаќинот има огромна помош од судиите, кои дозволуваат кошарка со боречки елементи на корпулентните Азербејџанци, кои тоа го користат на најдобар начин.

Лоша вест е и повредата на најискусниот, Војдан Стојановски, кој го истегна мускулот на ногавата и поголем дел од втората четвртина го проседе на клупата држејќи мраз. Лекарскиот тим прави максимални напори да го оспособи да им помогне на соиграчите во вториот дел, но неговите гримаси при заминувањето во соблекувалната делуваа загрижувачки.