Силекс во Кавадарци сака да се врати на победите, Арсими ги пречекува „лавовите“

Денеска на програмата од 20. коло во ПМФЛ се уште два натпревари во кои Арсими ќе биде домаќин на Македонија Ѓорче Петров, а Силекс ќе биде гостин во Кавадарци кај Тиквеш.

Силекс по поразот од Шкендија во минатото коло сега сака да се врати на победничките патеки, меѓутоа Тиквеш сезонава покажа дека знае да биде незгоден. Во минатото коло тимот од Кавадарци освои важни бодови на гости кај Македонија Ѓорче Петров.

Токму Арсими е една од екипите со која Тиквеш води борба за опстанок во овој момент тие се осми (последната позиција која оди во баражот за опстанок), а Арсими е со бод предност на седмото место.

Арсими на хартија можеби има полесна задача денеска бидејќи Македонија Ѓорче Петров сезонава е во долниот дел на табелата, само Работнички и веќе отпишаниот Шкупи се зад нив.

Двата натпревари се играат во терминот од 14:00 часот.