„Потребни се реформи во фудбалот, вака веќе не може!“

Легендата на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге ја критикуваше модерната состојба во фудбалот, смета дека исплатите на агентите на фудбалерите се неморални и бара итни глобални промени.

Поранешниот извршен директор на Баерн е најновиот во низата важни личности, по слични изјави на Матијас Замер и Ули Хенес, кои предупредуваат на растечката моќ на агентите.

Румениге кој останува значјна личност во Баерн, е загрижен поради насоката во која се движи фудбалот.

„Ни требаат реформи затоа што повеќе не можеме да го правиме тоа, со оглед на насоката во која одат работите, особено финансиски. Сè повеќе стануваме зависни од агенти чие влијание врз играчите стана скандалозно. Денес имаме плаќања на агенти како дел од трансфери кои се неморални“, вели Румениге.

„Влегуваме во сфери што никој надвор од фудбалот повеќе не ги разбира. Во еден момент повеќе нема да можете да им го објасните тоа на луѓето. Мора да внимаваме да не го затегнеме премногу тој шраф во фудбалот“, заклучи тој.