Рекорден приход во европскиот клупски фудбал – за Македонија нема ниту трошки!

Приходите во европскиот клупски фудбал за првпат во историјата ќе ја надминат границата од 30 милијарди евра, покажува најновиот извештај на УЕФА за финансискиот и инвестицискиот пејзаж во европскиот фудбал.

И покрај силниот раст, зголемените трошоци значат дека тоа не се пренесува директно во поголеми профити, што е еден од клучните заклучоци во анализата. Преклани приходите достигнаа рекордни 28,6 милијарди евра, а за минатата година се прогнозира тие да ја надминат бројката од 30 милијарди. Извештајот ги следи главните трендови во индустријата која постојано се развива, анализирајќи како клубовите се приспособуваат на новите услови, каде се појавуваат нови можности и со какви предизвици се соочува фудбалот.

Од 2015 година наваму, приходите во европскиот клупски фудбал се зголемени за повеќе од 13 милијарди евра. Растот главно доаѓа од поголемите наградни фондови во натпреварувањата на УЕФА, телевизиските права, спонзорските договори и приходите од продажба на билети. Во истиот период, приходите од трансфери пораснале за дури 211 проценти.

УЕФА посочува дека зголемувањето на приходите не ја отсликува целосно сложеноста на актуелната финансиска средина. Голем број клубови и понатаму функционираат под притисок на растечки оперативни трошоци и сè поголем административен апарат. Платите на вработените во клубовите, надвор од оние на фудбалерите, се зголемиле за 42 проценти во периодот од 2021 до 2024 година, додека кај платите на играчите се забележува стабилизација со годишен раст од околу 2 до 3 проценти.

Според извештајот, контролата на трошоците ќе биде клучен фактор за долгорочната финансиска одржливост на клубовите во наредните години, и покрај рекордните приходи што европскиот фудбал продолжува да ги генерира. Целата оваа приказна е со светлосни фодини оддалечена од македонскиот фудбал, кој во однос на споменатите бројки делува како – маалско дружење на мали голчиња.