Респект на максимум: Осимен објасни зошто не го прославил голот против Јуве

Нема сомнение дека на навивачите на Јувентус им се допадна увертирата на Виктор Осимен, еден ден пред реваншот со Галатасарај иако воопшто не беа задоволни од голот на Осимен во првото продолжение, гол со кој се најави заминувањето на турските гиганти во осминафиналето.

Нигериецот рече дека би му била чест да го облече дресот на торинскиот клуб, а потоа, својот респект го демонстрираше на уште еден начин. Откако погоди за намалување на 1-3, Осимен не го прослави голот и покрај тоа што се работеше за погодок кој го носси Галатасарај во осминафиналето. Имаше добра причина за тоа и ја сподели со медиумите по натпреварот.

„Немаше потреба да славам. Важно е да го почитувам човекот кого го сакам и кој одигра значајна улога во мојата кариера. Секако дека зборувам за Спалети. Тој го извлече најдоброто од мене. Беше толку посветен што практично спиеше на теренот. Му должам благодарност на Спалети, а исто така имам голема почит и кон Окан Бурук, најдобриот тренер во Турција“, објасни Осимен.

Во тандем со Квича Кварацхелија, тој го предводеше Наполи до титулата во италијанското првенство што ја чекаа повеќе од три децении во сезоната 2022/23. Под палката на Спалети, Нигериецот постигна 26 гола и асистираше за уште пет во Серија А, а додаде пет и во Лигата на шампионите.