Експресна реакција на Реал - ќе го исклучи навивачот кој нацистички салутираше
Непосредно пред почетокот на мечот, една ситуација привлече големо внимание на јавноста. Камерата, движејќи се над трибините на „Бернабеу“, каде што навивачите на Реал пееја со кренати шалови, покажа како еден од нив, гледајќи во камерата, постојано упатува нацистички поздрави. Обезбедувањето на клубот веднаш реагираше, го лоцираше и идентификуваше навивачот и го отстрани од трибините, а по полноќ, Реал објави на социјалните мрежи на оваа тема.
„Итно побаравме од Дисциплинската комисија на клубот да покрене итна постапка за исклучување на член кој беше снимен од телевизиските камери како изведува нацистички поздрав на трибините на нашиот стадион, неколку моменти пред почетокот на натпреварот помеѓу Реал и Бенфика.
Овој член беше идентификуван од безбедносниот персонал на клубот неколку моменти по појавувањето во преносот и веднаш беше исфрлен од стадионот. Реал Мадрид го осудува овој вид гест и изразување што поттикнува насилство и омраза во спортот и општеството“, објави Реал.
Целата ситуација беше исклучително контроверзна бидејќи во исто време со нацистичкиот поздрав, на трибината каде што се најжестоките навивачи на Реал беше истакнат транспарент со натпис „Не на расизмот“.