Нови проблеми за Реал: Без Мбапе во реваншот со Бенфика!?

Џанлука Престијани нема да биде таму, УЕФА успеа да спречи реванш помеѓу Винисиус Жуниор и Аргентинецот, со сомнителна легитимност, а Килијан Мбапе речиси сигурно нема да биде во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Денеска, на ден пред реваншот против Бенфика на Сантијаго Бернабеу, Килијан Мбапе беше принуден да го прекине тренинфот. Според угледниот француски весник „Екип“, причината е обновената болка во левото колено. Иако Мбапе започна тренинг со тимот, болката стана премногу силна, што е јасен знак дека повредата што го мачеше претходно не е целосно залечена. Сè уште постои мала шанса Французинот на крајот да влезе од клупата, како што беше случај со Барселона во финалето од Суперкупот.

По оваа информација, медиумите во Шпанија посочија дека постои очигледно несовпаѓање помеѓу она што тренерот го кажува јавно и она што се случува на теренот. Алваро Арбелоа во вторникот изјави дека Мбапе е подготвен и посветен, обидувајќи се да донесе мир во тимот и навивачите и дека извештаите од докторите сугерираат дека тој е околу 70 проценти подготвен.

Мбапе веќе го пропушти натпреварот против Бетис, а туркањето во оваа состојба би можело да ја влоши повредата, сето тоа во време кога тој е апсолутен лидер на тимот. Неговата статистика е нереална. Тој постигна 38 гола во сите натпреварувања, а во Лигата на шампионите, моментално има 13 гола во 8 натпревари. 

Медицинскиот тим на Реал Мадрид сега размислува за подрастична мерка, а тоа е 10 дена целосен одмор. Целта е целосно да се опорави коленото за да биде подготвен за крајот на сезоната и претстојното Светско првенство. Со тоа што нема да игра против Бенфика, Реал Мадрид ја губи својата најголема закана, а предноста од првиот натпревар е минимална.