Историја во мак-фудбалот: Првпат два второлигаши во полуфиналето од Купот!

Денеска се случи вистинска сензација во Купот на Македонија откако Охрид на пенали го исфрли бранителот на трофејот, тимот на Вардар, ова беше ден за историја бидејќи уште еден второлигаш го мина четвртфиналето, Шкендија Арачиново.

Првпат два второлигаши ќе играат полуфинале во Купот на Македонија, а бројката може да се зголеми и на три доколку Детонит го добие дуелот со Силекс.

Денеска второлигашите беа во елемент, Охрид одигра одличен меч против Вардар и го елиминираше по подобро изведување на пенали. Натпреварот во регуларниот тек заврши 1-1. Ова беше и едно од најголемите изненадувања во историјата на Купот.

Шкендија Арачиново со 3-1 го исфрли Работнички, но за овој резултат не може да се каже дека е изненадување со оглед на актуелната ситуација на тимот од Дебар Маало кој има мали шанси да остане прволигаш.

Охрид во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Детонит и Силекс, а Шкендија Арачиново ќе се сретне со победникот од Струга и Шкендија.