Картелите му се закануваат на СП 2026: Страв од пукање прекина меч во Мексико (ВИДЕО)

Фудбалски натпревар во најсилната женска лига во Мексико беше привремено прекинат, откако во близина на стадионот се слушнаа звуци налик на истрели, поради што фудбалерките на двете екипи панично го напуштија теренот и побараа засолниште.

Инцидентот се случи во период на зголемено насилство во земјата, неколку месеци пред почетокот на Светското првенство 2026, на кое Мексико е еден од домаќините. Судијката ги испрати фудбалерките во соблекувалните, додека околу 400 гледачи на трибините побараа засолниште. Прекинот траеше 15-тина минути. Подоцна, надлежните информираа дека звуците не биле од огнено оружје, туку од автомобили со гласни издувни системи од блискиот авто-саем. По смирувањето на ситуацијата, натпреварот беше продолжен.

Инцидентот се случи во сенка на сериозна ескалација на насилство во повеќе од 20 мексикански сојузни држави, откако безбедносните сили го убија водачот на водечкиот нарко-картел, Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“. Тој беше најбараниот криминалец во Мексико и почина од тешки повреди за време на воена операција во планинскиот град Тапалпа, додека бил транспортиран кон Мексико Сити.

Како одмазда, вооружени групи на картелот блокираа патишта и палеа супермаркети, банки и возила. Насилството ја зафати и Гвадалахара, еден од градовите домаќини на Светското првенство 2026. Поради влошената безбедносна состојба, раководството на машката Прва лига го одложи натпреварот меѓу Керетаро и ФК Хуарез. Одложени беа и натпревар од женската лига меѓу Гвадалахара и Клуб Америка, како и два меча од втората машка лига.

Светското фудбалско првенство 2026 ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули, а домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико, при што Мексико ќе организира 13 натпревари во Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј, вклучувајќи го и натпреварот на отворањето.