Неверојатно: Трамп „игра“ хокеј, тепа Канаѓани, па им дава гол во финалето на ЗОИ (ВИДЕО)

Победата на САД над Канада (2-1) во финалето на машкиот турнир во хокеј на мраз на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано-Кортина доби силна политичка и медиумска димензија, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави контроверзна снимка на социјалните мрежи.

На видеото, кое е генерирано со вештачка интелигенција и објавено на неговата социјална платформа, тој е прикажан како хокеар на американската репрезентација, кој влегува во дуели со канадските хокеари, ги турка и ги удира повеќекратно со тупаница. Подоцна во видеото, Трамп постигнува гол, по што американските хокеари го прегрнуваат и слават заедно со него. Видеото брзо стана вирално и предизвика бројни реакции, особено поради веќе затегнатите односи меѓу САД и Канада. Претходно, Белата куќа објави провокативна илустрација на која американски белоглав орел ја гази канадската гуска, алудирајќи на спортското ривалство и политичките пораки меѓу двете земји.

Трамп уште во неделата вечерта им честиташе на американските хокеари за историското злато – прво за САД во машки хокеј по 1980 година – пофалувајќи го и вкупниот настап на американските спортисти на Олимпијадата.

„Премногу победуваме, тоа едноставно не е фер“, напиша Трамп.

Од канадска страна, премиерот Марк Карни истакна дека е горд на своите спортисти и покрај поразот, нагласувајќи дека Канада ќе ги памети Игрите по борбеноста и достоинството на репрезентацијата.