„Новиот“ храм во Парк блесна во полн сјај, само клупите останаа - клаустрофобични (ФОТО)
За жолто-црвените ова ќе биде прв натпревар во т.н. храм на кошарката по пауза од две децении со оглед што националниот тим последен пат во овој објект настапуваше во 2006 година во склоп на квалификациите за ЕП 2007. Фотографиите од вечерниот тренинг на избраниот состав покажуваат дека салата е подготвена за второто „деби“ кое доаѓа неверојатни 56 години по нејзиното поставување како монтажен објект за потребите на СП 1970 година, чиј главен дел се одржа во Љубљана.

Првиот поглед покажува кратење на главната трибина за неколку редови, како и на трибината под семафорот (сега е нов и модерен), кое традиционално беше место на собирање на Сити Парк Бојс. Нови се и кошевите, а во очи паѓа дека останува традиционалниот проблем во оваа сала, а тоа е немањето заштита над гостинската клупа, што во минатото носеше рафални плукања на ривалите на тензичните дуели на Работнички.

Клаустрофобично делуваат и клупите за кошаркарите и тренерите, кои поради ѕидовите се поделени како во шкафчиња па тие што ќе седат на нив ќе немаат добар поглед на случувањата на теренот, нешто што е нормално во сите останати „нормални“ сали.






