Шпанскиот селектор го комплетира стручниот штаб – во него е и Докузовски јуниор!

Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Хозеп Мариа Берокал, вечерва го одржа првиот тренинг во својот мандат што беше отворен за јавноста, кога воедно можеше да се види и неговиот комплетен стручен штаб.

Покрај веќе претставениот Ѓорѓи Кочов, кој ќе биде негов прв асистент, заедно со шпанскиот стратег ќе работи и неговиот поранешен соработник од МЗТ Скопје, Никола Велев, како и поранешен кошаркар на Работнички, Бест и Водњански Лисици со ептен познато презиме во макбаскетот. Станува збор за Марко Докузовски, син на легенданриот Марин Докузовски, еден од најдобрите македонски тренери во историјата. Тој 15-тина години беше во младинскиот и првиот состав на центарци, а во последните шест години работи како асистент-тренер претежно задолжен за скаутинг односно анализа на играта на противничкиот тим. Тоа, според најавите, ќе биде и неговото задолжение во стручниот штаб на Македонија.

Жолто-црвените се подготвуваат за двата натпревари од претквалификациите за ЕП 2029 и тоа против Луксембург на домашен терен (27 февруари) и против Азербејџан на гости (2 март).