АБА лигата пред ново проширување - до Словачка
Во игра е словачкиот прволигаш Слован од Братислава кој би сакал да се вклучи во лигата по принципот на Виена и Клуж. Интересно е тоа што станува збор за клуб кој никогаш не бил шампион на Словачка, а сезонава се наоѓа на петтото место на табелата во тамошното првенство, но очигледно има високи амбиции кои ги надминуваат границите на земјата.
„На членовите на Собранието им беше презентиран детален финансиски извештај, кој јасно покажува дека АБА лигата работи исклучително стабилно и е најпрофитабилна во својата историја. Атрактивноста на натпреварувањето во АБА лигата се потврдува и со фактот дека на 12 јануари 2026 година е примено официјално писмо од Слован од Братислава, во кое се изразува желбата на клубот да стане учесник во регионалното кошаркарско натпреварување од следната сезона, со исполнети сите технички и финансиски услови. Управата на АБА лигата ќе започне преговори, а конкретните решенија ќе бидат познати откако членовите на Собранието, односно ко-сопствениците на АБА лигата, ќе донесат одлуки за бројот на клубови и системот на натпреварување што ќе важи во наредните сезони“, стои, меѓу другото, во соопштението од АБА.
АБА лигата во моментов брои 18 екипи, но лани Управниот одбор донесе одлука бројката да може во иднина да се зголеми на 20.