Кочов: Мора да создадеме најдобри услови за кошаркарите ако сакаме напредок!
Кочов е свесен дека за сè е потребно време, но посочи дека мора да создадат најдобри можни услови за кошаркарите, доколку сакаат напредок.
„Чест ми е и задоволство што сум пак во стручниот штаб на Македонија. За сè треба време, ама има само еден начин да станеш подобар, тоа е да тренираш. Понудата од федерацијата ја прифатив затоа што мислам и сметам дека треба тоа што сум го стекнал надвор како искуство, да го пренесам на нашите домашни играчи. Да помогнам на некои тренери што немаат можност многу да видат надвор како се работи и тренира и мислам дека со промена на тренингот и пристапот, сите заедно може да направиме нешто и да промениме. Знаеме во моментов во каква ситуација е клупската кошарка, а репрезентативната е одлик на клупската. За наша земја, мала земја како Македонија, мора ние тренерите да се потрудиме да бидеме на највисоко ниво што можеме, да дадеме најдобри можни услови за играчите, за да очекуваме некаков напредок. Ако не успееме тоа да го направиме, не може да очекуваме резултат. Јас по природа сум позитивен, но зборувам објективно. Во последните пет години доволно ја пратам македонската кошарка“, кажа Кочов.