Главчев: Со Берокал и Кочов да ја вратиме репрезентацијата каде што ѝ е местото!

Првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Томица Главчев, беше човекот што го претстави новиот селектор на националниот тим, Шпанецот Хозеп Мариа Берокал, најавувајќи нова ера во макбаскетот.

Тој е оптимист и верува дека пред репрезентацијата доаѓаат подобри денови, во ситуација кога нашиот избран тим игра во најниското можно ниво во европската кошарка.

„Важен чекор за новата визија за националниот тим, бидејќи имам чест официјално да ви го претставам новиот селектор, Хозеп Мариа берокал, тренер со одлична биографија. Убедени сме дека со својот квалитет и знаење ќе придонесе за консолидирање на репрезентацијата. Со него ќе работи и нашиот Ѓорѓи Кочов, што ќе биде одличен баланс за предизвиците што не очекуваат. Значајна улога ќе има и директорот Владо Илиевски, кој веруваме ќе придонесе на стабилен и долгорочен систем. Пред нас се сериозни предизвици, но и можност дека со заедничка работа ќе можеме да ја вратиме нашата репрезентативната кошарка на патеките кои заслужува да се движи“, изјави Главчев.

Првиот човек на макбаскетот најави дека договорот со новиот селектор е повеќегодишен и изјави дека би можел да биде бесконечен, секако ако има резултати.