„Димитријевиќ не игра поради обврски кон Баерн - ќе пробаме да го имаме во јули!“
Директорот на репрезентациите, Владо Илиевски, ја појасни ситуацијата и објасни дека тој не е повикан поради обврските кон својот клуб, Баерн Минхен.
„Нено ден пред нашата домашна средба со Луксембург има евролигашки настап со Баерн Минхен, па ќе требаше веднаш да патува за Баку да игра на втората средба со Азербејџан и да се врати назад и пак да игра Евролига. Тоа ќе беше премногу напорно за него и решивме воопшто да не го повикуваме. Разговарав со него и мислам дека тој ќе сака да игра за Македонија, секако ако му дозволат клупските обврски. Верувам дека би можеле да го имаме во јули кога ќе се решаваат работите во нашата претквалификациска група“, изјави Илиевски.
Поранешниот легендарен репрезентативец претходно се заблагодари за довербата од страна на КФМ.
„Чест и задоволство е да се биде директор на репрезентациите со цел моето искуство и име кои сум ги створил овие 30 години да ги ставам во служба на македонската кошарка и да направиме систем со кој ќе се гордееме. Целта е да направиме нови генерации кои ќе ги наследат сегашните репрезентативци“, дополни Илиевски.
Македонија синоќа почна со подготовки за средбите со Луксембург (27 февруари) на домашен терен и против Азербејџан на 2 март во Баку.