„Привилегија е да се биде селектор на Македонија - одиме чекор по чекор!“

Шпанецот Хозеп Мариа Берокал денеска беше промовиран како нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија.

Берокал кажа дека е привилегија да се биде селектор на Македонија, а потоа ги откри неговите планови за иднината на македонската кошарка.

„Среќен сум што сум тука, привилегија е да се биде селектор на Македонија. Знаеме дека е краток период за да се подготвиме за овој прозорец. Во овие два тренинзи видов дека има голема желба за напредок. Треба да размислуваме на подолги патеки. Треба да го унапредуваме тимот и важно е кои млади кошаркари ќе дојдат да го надополнат составот,. Што се однесува до македонската кошарка, поврзан сум со неа преку Владо Илиевски, му бев тренер пред 23 години. Некои од играчите во репрезентацијата ги познавам, му бев тренер на Војдан Стојановски во Украина, некои ги знам од Шпанија. Среќен сум, знам дека на почетокот нема да биде лесно, ќе биде долг процес, но ќе се обидеме да направиме максимум од овие играчи. Кое ќе биде нивото што ќе го достигнеме, не знам, но верувам во сите. На кошаркарите им реков дека треба да се натпреваруваат сами со себе, да бидат подобри, да имаат шампионски менталитет. Да не гледаме премногу далеку во иднината, да се фокусираме на она што ни претстои“, рече Берокал на денешната промоција.