Кратко траеше радоста на Реал: Барселона се врати на врвот! (ВИДЕО)

Неполна недела беше Реал Мадрид на врвот на табелата во Ла Лига и од денеска повторно е на второто место каде се наоѓа во најголемиот дел од сезоната.

По вчерашниот кикс на мадридскиот тим на гости кај Осасуна, денеска Барселона го победи Леванте со 3-0 и сега има еден бод повеќе од својот најголем ривал. Со оглед на тоа што противникот се наоѓа на претпоследната позиција на табелата, јасно беше дека Барса е голем фаворит за трите бода, но сепак Леванте се покажа во одлично издание.

Интересно е тоа што трите гола за Барселона ги постигнаа играчи од средниот ред што е уште еден доказ дека напаѓачите се мачат во овој дел од сезоната. Отвори Бернал уште во четвртата минута на асистенција на Ерик Гарсија, а по две пропуштени шанси на Леванте, во 32. минута, водството го зголеми Де Јонг. Точка на мечот стави Фермин Лопез со вистинска бомба во 81. минута, а да беа малку поефикасни напаѓачите, Леванте денеска ќе си заминеше барем со пет топки во мрежата.

За Барселона претстои една недела одмор бидејќи не игра во плејофот од Лигата на шампионите, а в сабота на Камп Ноу го пречекува незгодниот Виљареал кој се наоѓа на третото место на табелата.