Инцидентите против Вардар - обид за дефокус: Против Башкими се водат сериозни истраги за местење

Од вчерашниот дуел против Вардар во Скопје, во центарот на вниманието на македонската фудбалска јавност е Башкими, клуб од Куманово кој сезонава се врати во елитната конкуренција.

На мечот одигран на теренот на ФФМ дојде до сериозен инцидент во кој беа вклучени прво играчите, а потоа управата и навивачите на Башкими кои влегоа во судир со фудбалерите на Вардар и со полицијата. Драмата околу кумановскиот клуб трае уште од пролетоска, кога како второлигаш Башкими одигра натпревар против Кожув во Гевгелија за кој беше докажано дека е наместен и за кој многу лица добија тешки суспензии.

Очигледно дека раководството на клубот има навика за лажирање натпревари бидејќи против Башкими се водат и други истраги.

„Во тек е обемна истрага во која ФК Башкими се поврзува со сомнителни активности поврзани со обложување на сопствени натпревари. Извори блиски до процесот тврдат дека сомнежите не се базираат само на индиции, туку и на конкретни финансиски траги, со трансакции кои наводно водат до лица од највисоките раководни структури на клубот. Доколку доказите бидат формално потврдени од надлежните институции, последиците би можеле да бидат драстични, како што велат од ФФМ, и со одземање бодови и високи парични казни, па сè до исфрлање од лигата и преселба во најнизок ранг на натпреварување. Сето тоа како нов тежок удар за кредибилитетот на домашното првенство, кое изминативе години секако се мачи со сомнителните 'газди', сомнителните резултати, и клубови за кои фудбалската игра и нејзиниот развој, и тоа како не се од сериозен интерес, но очигледно некои други цели“, пишува денеска порталот Екипа.

Од овие причини, се чини дека инцидентите во Скопје на Башкими му служат како дефокус, особено поради тоа што навивачите и управата на кумановскиот клуб на сето тоа му дадоа национален предзнак.