Славко Голужа итно хоспитализиран откако му се слошило за време на натпревар
На почетокот на второто полувреме, искусниот стручњак почувствувал болка во градите и отишол во соблекувалната во придружба на играчите и помошникот тренер, објавуваат хрватските медиуми. Во соблекувалната чекал на амбулантното возило кое го превезло во болница. За среќа, сега е стабилен, што го потврди и директорот на Ракометниот клуб Бјеловар, Давор Ламза.
„Според последните информации, моменталната состојба на тренерот Славко Голужа е стабилна. Тој е во болницата во Бјеловар каде што се вршат комплетни тестови. Го посетивме и Голужа чека да бидат завршени тестовите за да може да си оди дома. Разбирливо, поради неговата состојба, не можеме дополнително да коментираме за сè“, рече Ламза.
Голужа го презеде Бјеловар минатиот месец. Клубот има девет титули во првенството на поранешна Југославија и една европска титула, а новиот тренер веднаш изјави дека му е потребна поддршка од сите во и околу клубот и дека ќе биде потребно време за да се направи вистински пробив.