Шошкиќ пред влез во историјата - во друштво на легендарните Бирд, Милер и Кари (ФОТО)
„Сивулфс“ синоќа славеа на домашен терен против Хемптон (79-72), продолжувајќи ја борбата за второто место во конференцијата, а Шошкиќ повторно беше меѓу најдобрите. Македонскиот плејмејкер запиша 14 поени, три скока и три украдени топки, потврдувајќи ја одличната форма. Но, она што го издвојува Шошкиќ оваа сезона е историската статистика. На само три натпревари до крајот на регуларниот дел, тој има неверојатни проценти: 51,4-отсто шут од игра, 47-отсто за три поени и неверојатни 95-отсто од слободни фрлања.

Само 11 кошаркари во историјата на НЦАА успеале да ја завршат сезоната со вакви бројки. Последен кој го направил тоа е актуелниот НБА-играч Треј Марфи (сезона 2020/21), а единствениот дебитант (како Шошкиќ) со ваков учинок е Ајзеа Вилијамс пред 12 години. Уште поимпресивно – само 10 кошаркари во историјата на НБА имаат завршено сезона со ваква статистика, а во тоа друштво се имиња како Лери Бирд, Реџи Милер и Стеф Кари.
Стони Брук до крајот на регуларниот дел ќе игра против Монмаут, Хофстра и Тоусон и доколку ги задржи овие проценти и во тие натпревари, македонскиот кошаркар ќе си обезбеди место во историјата на НЦАА и американскиот спорт.