Лидерот Вардар го пречекува Башкими, Струга во Битола сака да им се врати на победите

Денеска на програмата се два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Вардар на терените на ФФМ го пречекува Башкими, а Струга му гостува на Пелистер во Битола.

Вардарци сигурно маршираат кон титулата, црвено-црните вториот дел го почнаа со две победи од исто толку натпревари, а би било изненадување ако тој победнички од не продолжи и по денешниот меч.

„Да, добро го започнавме пролетниот дел од сезоната, и тоа секако дека ни годи. Сепак, никако не смееме да помислиме дека нештата за нас ќе одат лесно. Кога си играч на Вардар, секој меч значи битка и тоа вистинска затоа што секој противник дава максимум против нас. Нема дилеми тука. Така ќе биде и денеска. Башкими е незгоден на негов терен, но и на гостински. Знае оваа екипа и тоа како да одигра добро, но од друга страна ние сме подготвени. Знаеме што треба да направиме за да стигнеме до нова победа и три бода пролетва во шампионатот“, вели голманот на Вардар,  Давор Талески.

Во Скопје доаѓа тимот на Башкими кој во минатото коло го победи Пелистер, а претходно одигра реми без голови кај Силекс со што покажа дека може да биде тврд орев. Кумановскиот тим е без примен гол во пролетниот дел од сезоната.

„Се соочуваме со екипата на Вардар, која моментално е лидер на табелата во Првата лига. Можам да кажам дека доста добро го започнавме пролетниот дел од сезоната. Затоа, ќе го дадеме нашиот максимум, па нека победи екипата што ќе биде подобра на овој натпревар,“ изјави фудбалерот на Башкими, Есмин Личина.

Мечот меѓу Вардар и Башкими почнува од 13 часот, а еден саат подоцна ќе биде означен старт и на натпреварот Пелистер - Струга.

Струга има лош влез во вториот дел од сезоната, два меча и два порази. Првиот од Шкендија во Тетово, а вториот на домашен терен од Силекс.

Стружани сакаат да им се вратат на победите денеска против Пелистер во Битола, ќе бидат фаворити, но битолчани си имаат свои математики.

„Играме на гости против екипа која исто така го загуби последниот натпревар. Тоа значи дека нѐ очекува жесток натпревар. Можам да кажам дека како тим сме добро подготвени за оваа средба. Ги загубивме првите две средби, но мислам дека сега ги коригиравме грешките. Стручниот штаб и играчите се максимално мотивирани да ја обезбедиме првата победа во пролетниот дел на сезоната. Тоа е многу важно за сите нас“, вели играчот на Струга, Басиру Компаоре.

ПМФЛ 19 коло

Петок
Брера - Работнички 3-4
Сабота
Вардар - Башкими 
Пелистер - Струга
Недела
Силекс - Шкендија
Шкупи - Арсими
Понеделник
Македонија ЃП - Тиквеш