Легендарен голман удри по Винисиус и Мбапе: Живее со транвестит, а говори за морал!

Поранешниот парагвајски голман, Хосе Луис Чилаверт, предизвика нова контроверзија со своите изјави за фудбалерите на Реал Мадрид, пред сè за Винисиус Жуниор и Килијан Мбапе.

Неговите коментари доаѓаат по натпреварот од Лигата на шампионите, по кој Винисиус пријави дека бил цел на расистички навреди од фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престијани, кој наводно го нарекол „мајмун“. Чилаверт застана во одбрана на младиот аргентински фудбалер.

„Се солидаризирам со Престијани, бидејќи Винисиус е првиот што ги навредува другите. Ако ја погледнете снимката, ќе видите дека му вели ‘кукавица’. Првата навреда дојде од негова страна“, изјави Чилаверт.

Тој продолжи со остар тон, критикувајќи го современиот фудбал и начинот на кој се третираат ваквите ситуации, тврдејќи дека поради камерите и микрофоните „фудбалот се променил“ и дека порано на теренот се зборувало многу повеќе без последици. Особено внимание предизвикаа неговите зборови упатени кон Килијан Мбапе, кој по натпреварот јавно застана во одбрана на Винисиус.

„Што може тој да зборува за вредности? Мбапе зборува за морал, а живее со трансродна личност. Тоа не е нормално. Секој може да прави што сака со својот живот, но за мене најдобро е маж да живее со жена“, рече Чилаверт, повикувајќи се на медиумски шпекулации од 2022 година кои го поврзуваа Мбапе со моделката Инес Рау.

Во истиот разговор, Чилаверт тврдеше и дека Винисиус самиот дискриминирал кога зборувал за расизмот во фудбалот.

„Тој плачеше и зборуваше дека сака фудбал во кој црнците ќе живеат подобро. Со тоа и самиот дискриминира. Дали сака белците да живеат лошо?“, додаде поранешниот голман.

Изјавите на Чилаверт предизвикаа бурни реакции и се очекува да наидат на остри критики во спортската и пошироката јавност.