Мрме е еден од кандидатите за нов тренер на белградски Партизан?!

Поранешниот македонски фудбалски селектор Игор Ангеловски е еден од главните кандидати за нов тренер на белградски Партизан, клуб кому во последно време не му цветаат рози и чиј стратег Ненад Стојаковиќ е пред бркање.

Како што дознаваме, името на најуспешниот македонски селектор во историјата, наголемо се врти во белградските кулоари како еден од главните кандидати за нов тренер на црно-белите, особено што популарниот Мрме бил во добри пријателски односи со Предраг Мијатовиќ, кој е една од најголемите легенди на клубот, а сега главен за спортските прашања во „Хумска 1“.

На Партизан не му цветаат рози последниов период, белграѓаните не се гордеат со резултатите што ги имаат, а пред десетина дена актуелниот тренер Ненад Стојаковиќ беше избркан, па вратен. Според информациите, наредното „вечно дерби“ со Црвена Звезда кое е на програма наредниов викенд ќе му ја одреди судбината за тоа дали Стојаковиќ и понатаму ќе остане шеф на стручниот штаб на црно-белите.

По сјајните резултати со македонската репрезентација, Игор Ангеловски немаше многу плодна работа во клубовите каде што беше тренер - работешее во хрватска Горица, во казахстанскиот Каспиј и во кипарската Етникос Ахна, но никаде не се задржа долго време.

Ако се обвистинат шпекулациите кои доаѓаат од Белград, популарниот Мрме ќе бие првиот Македонец тренер на Партизан, клуб во кој со успех настапувале огромен број на македонски фудбалери.