Министерството за спорт во 2026 година ќе вложи 5,1 милион евра во спортската инфраструктура
– Програмата за 2026 година предвидува изградба, реконструкција и санација на спортски објекти низ целата држава – спортски сали, базени, мултифункционални игралишта, тренинг-центри и придружна инфраструктура. За оваа намена предвидени се 312.146.000 денари или приближно околу 5,1 милион евра од буџетот со кои ќе бидат реализирани 13 инфраструктурни проекти кои опфаќаат изградба и реконструкција на над 50 спортски објекти. Средства се планирани и распределени со јасни приоритети – спорт достапен за сите, рамномерен регионален развој и создавање на одржлив систем на спортска инфраструктура – соопшти министерот Борко Ристовски во интервјуто за „Плусинфо“.
Како еден од основите за инвестирање во изградбата и реконструкцијата на спортските објекти, воедно и еден од приоритети на Владата во дејноста спорт е обезбедување на услови за реализација на наставата по физичко воспитување во основното и средното образование, спортување и рекреација на студентите, за функција на спортските клубови и спортските федерации, како и рекреативните активности на граѓаните и спроведување на децентрализацијата на спортот.