ТФТ потврди дека е кандидат за трофејот, а Феникс дека - залутал на куп-завршницата (ФОТО)

Кошаркарите на ТФТ Скопје рутински ја оправдаа фаворитската улога и со убедлива победа над Феникс (98-71) станаа првиот полуфиналист во Купот на Македонија.

Тимот од Тафталиџе дозволија рамноправност само воведниот период, а потоа целосно ја презеде контролата и дојде до лесен триумф со што потврди дека е сериозен кандидат за трофејот. Феникс освен во неколку минути од првиот дел, делуваше за неколку класи послаб противник, едноставно залутан за завршниот турнир во Куманово каде што е влезе „низ иглени уши“ како најслабо рангиран од сите учесници.

Аутсајдерот изненади на стартот и отвори со серија од 8-0, а предводен од расположениот Андреј Стојановски успеа да ја задржи предноста и по првата четвртина (22-19). ТФТ во вториот период ТФТ го наметна својот ритам. Со агресивна и подвижна одбрана, лидерот во Суперлигата го скрши отпорот на противникот, а во нападот се истакна Стенли, кој беше првиот со двоцифрен учинок. На полувремето ТФТ веќе имаше сигурни 46-34.

Феникс по паузата се обиде да парира, но не успеа значително да ја намали разликата. Во последната четвртина, ТФТ рутински го приведе мечот кон крај и ја зголеми предноста до конечни плус 27. Дури десет кошаркари се запишаа во листата на стрелци кај победникот. Зафиров беше најефикасен со 19 поени, Стенли додаде 17, а Ташовски придонесе со 12. Кај Феникс најмногу се истакна А. Стојановски со 16 поени.

Противник на ТФТ во полуфиналето ќе биде победникот од последниот денешен четвртфинален дуел меѓу Пелистер и домаќинот Куманово.