Златен медал за Катерина Ацевска на „Џенова опен“ во џиу-џицу!

Македонската џиу-џицу натпреварувачка, Катерина Ацевска, ја отвори новата сезона на најдобар можен начин, освојувајќи златен медал на силниот гранпри-турнир „Џенова опен“ во Италија.

Таа беше слободна во првото коло, а веќе во второто демонстрираше целосна доминација, совладувајќи ја Италијанката Федерика Маза со ипон и убедливи 50-0. Во финалето, македонската репрезентативка уште еднаш го потврди квалитетот, победувајќи ја Каја Орзечовска од Полска со 16-7 и заслужено се искачи на највисокото скалило на пиедесталот.

Со овој настап, Ацевска уште еднаш докажа дека припаѓа на светската елита во џиу-џицу фајтингот, продолжувајќи ја серијата врвни резултати на меѓународната сцена. Гранпри-турнирот во Џенова собра 267 натпреварувачи со 293 настапи од 24 земји, што дополнително ја зголемува тежината на освоеното злато.

Таа лани во ноември испиша историја за македонскиот џиу-џицу спорт, освојувајќи бронзен медал на Светското првенство во Банког, прв сениорски медал за Македонија во оваа дисциплина, во категоријата над 70 килограми.