На Украинецот му забранија да ја носи кацигата со мртвите спортисти! (ФОТО)

Украинскиот знаменосец на Зимските олимписки игри (ЗОИ), Владислав Хераскевич на тренинзите во скелетон во Кортина носеше кацига на која имаше фотографии од негови сонародници, спортисти, убиени во војната со Русија, но брзо стигна забрана за носење на кацигата.

Кацигата на Хераскевич стана хит низ светските медиуми, а самиот тој потврди дека се работи за украински спортисти кои загинале во војната. Дел од нив биле и негови пријатели.

Хераскевич кажа дека Меѓународниот олимписки одбор го контактирал и Украинскиот олимписки одбор поради неговата кацига затоа што на ЗОИ не се допуштени никакви политички, верски или расни пропаганди.

Пред да се натпреварува на овие Зимски олимписки игри, тој вети дека ќе ги искористи Игрите за да го потсети светот на конфликтот во Украина.

На кацигата се прикажани портрети на младата кревачка на тегови Алина Перехудова, боксерот Павел Ишченко, хокеарот Олексиј Логинов, актерот Иван Кононенко, нуркачот Микита Козубенко, стрелецот Олексиј Хабаров и танчерката Дарја Курдел.

Очекуваната забрана брзо стигна. Меѓународниот олимписки комитет му забрани на Хераскевич да продолжи да го носи „шлемот на сеќавањето“, како што беше наречен.

„МОК целосно ја разбира желбата на спортистот да им оддаде почит на своите пријатели кои ги загубија животите во конфликтот. Тој го стори тоа за време на тренингот и ги изрази своите чувства на социјалните мрежи, но сепак сметаме дека кацигата е контроверзна.

Постојат правила што ги разбираат сите Национални олимписки комитети. Луѓето можат да побараат исклучок, но мора да има добра причина за тоа да се разгледа“, рече портпаролот на МОК, Марк Адамс. Тој додаде дека како компромис, на Хераскевичи ќе му биде дозволено да носи црна кацига за време на натпреварувањето.