Детали за повредата на Вон - прогнозите не се оптимистични!

Американската скијачка легенда Линдзи Вон (41) доживеа тежок пад за време на денешната спуст трка, а според првичните информации постои сомнеж за скршеница на потколеницата.

Ова го потврди и американскиот тренер во брзински дисциплини, Алекс Хедлмосер.

„Во моментов имаме многу малку информации. Изгледа дека станува збор за скршеница на потколеницата“, изјави Австриецот, додавајќи дека Вон сè уште е подложена на дополнителни медицински прегледи.

Вон ја загуби контролата уште во првите секунди од трката, откако нерамнина на патеката ја исфрли од ритам. Нејзината десна рака закачи за капијата, по што следуваше тежок пад на снегот. Болката беше очигледна, а нејзините крикови јасно се слушаа и во телевизискиот пренос.

Поранешната олимписка шампионка веднаш беше ставена на носилки и со хеликоптер пренесена во болница. Иако засега нема официјална потврда, сомнежот за сериозна повреда не остава многу простор за оптимизам.