Така се работи: Француски клуб од двајца фудбалери заработи 100 милиони евра

Ливерпул ќе го доведе 20-годишниот француски дефанзивец Жереми Жаке од Рен, откако клубовите постигнаа договор за обештетување во висина од 55 милиони фунти (околу 63,5 милиони евра), а со тоа овој клуб ќе оствари уште една одлична заработка во овој преоден рок.

Според договорот меѓу клубовите, Жаке ќе остане во Рен до крајот на актуелната сезона, а дури на лето ќе се пресели на „Енфилд“. За неговиот трансфер преговараше и Челси, но неколку фактори пресудија во корист на Ливерпул. Рен инсистираше да го задржи својот фудбалер, производ на сопствената академија, до крајот на сезоната, што беше и желба на самиот Жаке, а тоа не претставуваше проблем за англискиот клуб.

Можното заминување на Ибрахима Конате од „Енфилд“, кому договорот му истекува во јуни, исто така не е занемарливо, бидејќи би се отворил простор во одбраната на Ливерпул токму на позицијата на Жаке.

Во меѓувреме, Рен реализираше уште еден значаен трансфер. Клубот официјално објави дека го продал 18-годишниот млад француски репрезентативен напаѓач Кадер Меите во саудискиот Ал Хилал за 30 милиони евра, па така само од овие двајца ќе заработат речиси 100 милиони евра.