Исланд обезбеди полуфинале на ЕП, Португалија се надева на битка за петто место

Репрезентацијата на Исланд триумфира со 39-31 против Словенија со што го обезбеди своето место во полуфинале на Европското првенство (ЕП), додека Португалија успеа да слави против Шпанија со 35-27 и ќе сонува за борба за петто место на шампионатот.

Првото полувреме понуди интересен ракомет меѓу Исланд и Словенија и дури 34 погодоци, при што Исланѓаните заминаа на паузата со плус два (18-16).

Исланд постојано го зголемуваше водството во вториот дел, а Словенија не успеа да возврати, па поради тоа Исланѓаните со 39-31 го добија мечот и обезбедија полуфинале.

Ракометарите на Португалија одиграа одлично прво полувреме кое им припадна со 16-12, додека во вториот дел Шпанците не успеаја да фатат приклучок и на крајот загубија со убедливи 27-35.

Најефикасен во победничкиот тим беше Франциско Коста со седум голови, додека Алеиш Гомез постигна шест погодоци за Шпанија.

Фото: EPA PHOTO