Неапол не е безбеден, двајца навивачи на Челси завршиле во болница
Имено, во Напол се случил инцидент за кој од Челси информираа дека се запознаени со истиот.
„Клубот е запознаен со инцидентот што се случил во вторникот навечер во Неапол. На двајца навивачи им беше укажана лекарска помош во болница, откако се здобиле со повреди кои не се опасни по живот. Ги повикуваме сите навивачи да бидат внимателни додека престојуваат во Неапол и да се придржуваат до советите кои клубот претходно ги објави“, соопштија од Челси.
Засега нема официјални информации за тоа како се повредени двајцата навивачи. Инаку, околу 2.500 фанови на лондонскиот клуб имаат влезници за натпреварот против Наполи, кој се игра вечерва од 21 часот на стадионот „Диего Армандо Марадона“.
Челси уште пред дуелот ги повика своите навивачи да избегнуваат прошетки низ Неапол со обележја на клубот, како и да се собираат на однапред одредени локации, од каде со специјални автобуси, под полициска придружба, ќе бидат превезени до стадионот.
Натпреварот како и сите останати денеска се игра во терминот од 21:00 часот.